• A-
  • A
  • A+

недела, 24 септември 2017, 

Филмот „Ах, љубов моја“ премиерно на Скопскиот филмски фестивал

Филмот „Ах, љубов моја“ премиерно на Скопскиот филмски фестивал

Скопје, 20 април 2017 (МИА) - Филмот „Ах, љубов моја“ во режија и сценарио на Коле Ангеловски премиерно ќе биде прикажан утревечер во рамки на Скопскиот филмски фестивал, со почеток во 20.30 часот во киното „Милениум“. 

Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година со 14,3 милиони денари, а завршен само за две години. Вкупниот буџет на филмот е околу 20 милиони денари.  

Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска на денешната прес-конференција истакна дека Коле Ангеловски одбележува 55 години на филмското платно. Во 1962 година тој првпат се појави како дебитант во играното остварување „Саша“. 

Ѓоргоска-Илиевска нагласи дека „Ах, љубов моја“ е љубовна комедија и додаде оти жанрот комедија е ретко присутна во македонската кинематографија. Изрази надеж дека и ова филмско остварување ќе предизвика голем интерес кај публиката и ќе покаже разноликост во македонската кинематографија. 

Таа се осврна на претходните филмски остварувања на Коле Ангеловски како режисер и како добитник на значајни меѓународни награди. Потсети на неговиот првенец „Татко“ или „Колнати сме Ирина“ (1973 година) и на втората македонска комедија „Викенд на мртовци“.

Режисерот и сценарист Ангеловски потенцира дека направил сценарио или приказна за љубовта, но гледано од хумористичен аспект. Прес за премиера на Ах, љубов моја

- Направивме филм кој е за публика. Публиката ќе сака да го гледа, ќе ужива и ќе биде среќна и задоволна по проекцијата. Во филмот главно играат млади актери, повеќето дебитанти и мислам дека одлично се снаоѓаат пред филмсаката камера, рече Ангеловски. Информира дека снимале на повеќе локации низ Македонија, во Скопје и во Маврово. 

Филмот е снимен во продукција на Авард Филм и Видео и копродуцентите - Квазар Филм и КТ Филм и Медиа. Продуценти се Горан Стојилковиќ, Димитар Николов и Владимир Стојчевски, а сценограф Илина Ангеловска. Костимографи се Лира Грабул и Раде Василев, музиката е на Венко Серафимов.

Актерската екипја ја сочинуваат Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир и Андон Јовановски. 

Актерката Марија Кондовска потенцира дека е бескрајно среќна што работи со Коле Ангеловски.  Од 27 април филмот ќе биде на редовен репертоар во кината „Cineplexx“ и „Милениум“ и низ кината во Македонија. 

Годинава се очекуваат премиери на уште пет македонски филмови: „Годината на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски, „Жртва“ на Марија Џиџева, „Тајната состојка“ на Ѓорче Ставревски, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши и „Чекај ме/Сведок“ на Митко Панов. Пред неколку дена почна снимањето на играниот филм „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски и продуцентската куќа „Дрим фактори“, а ќе почнаат со снимање филмовите „Здивот на ангелот“ на Јани Бојаџи, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Ако утре го нема сонцето“ на Александар Русјаков, „Господ постои се вика Петрунија“ на Теона Митевска и „Цар Самуил“ на Антонио Митриќески. мд/паг/14:02

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ